ОО СДСМ Охрид со реакција на вчерашната прес конференција на градоначалникот Кирил Пецаков на која беше презентиран долгот на Општина Охрид и Јавните претријатија. Во реакцијата се вели дека биле изнесени паушални пресметки, а треба пред граѓаните да бидат доставени и презентирани сите финансиски картици и извештаи поврзани со долгот на општината.
Освен прецизни бројки, на јавноста и должите објаснување за тоа какви се тие обврски по склучени договор за работи кои што не се реализирани и каков е тој долг по основ на нереализирани работи? Колку и да сакате да звучите убедливо во вашите измислени калкулации, нема да можете да го засените успехот кој локалната власт предводена од СДСМ го постигна во делот на раздолжувањето. Тоа беше еден од нашите најважни приоритети и благодарение на поддршката и помошта од Владата на Република Северна Македонија, преку исклучително одговорен ангажман успеавме, да го намалиме долгот на Општина Охрид за повеќе од една милијарда денари, притоа реализирајќи низа значајни и вредни инвестиции во инфраструктурата.
Целиот процес беше воден целосно транспарентно и за секој дел јавноста беше навремено запознаена. Познавајќи ги капацитетите на кадрите од ВМРО ДПМНЕ, кристално е јасно дека освен празни зборови, од нив не можеме да очекуваме знаење и посветеност за финиширање на процесот раздолжување на општината. Дека немаат ни доблест ни храброст за позитивни политики, на дело покажаа како опозиција во претходиот советнички состав, кога не ја поддржаа одлуката за започнување на финалната постапка за раздолжување, се вели во реакцијата.
Наместо да бара виновници за новите непродуктивни трошоци и задолжувања кои планира да ги прави во иднина, го повикуваме градоначалникот да ја продолжи започнатата постапка за раздолжување и да го исплати преостанатиот дел од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која, врз основа на извршни решенија секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување.
Додаваат дека апсолутна лага е и изнесениот податок дека од власта на ВМРО ДПМНЕ имаат наследено претпријатија со позитивни финансиски резултати. Напротив, велат наследивме претпријатија со по 4 неисплатени плати кон вработените, неисплатени придонеси за здравствено осигурување, без основни средства и механизација за работа.
Со правилно и домаќинско менаџирање за четири години обезбедивме квалитетно, функционално и домаќинско работење. Направени се низа инвестиции во објекти и опрема и обезбедени се поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните како и подобри услови за вработените. Сите претпријатија се оставени во рентабилна состојба и од власта на ВМРО ДПМНЕ очекуваме да продолжи да работи во насока на подобри услови, а резултатите од нивната работа наскоро ќе можеме да ги видиме на дело, се додава во реакцијата од ОО СДСМ Охрид.
OhridNews












