Петте јавни претпријатија продолжуваат да работат со загуби, но за разлика од изминатите години, оваа година претпријатијата се со огромни загуби како резултат на непродуктивните трошоци, вели на денешната прес конференција портпаролот на ОО СДСМ Охрид Јован Крлев.

На 25 седница на Советот на Општина Охрид глатко од советниците на владејачкото мнозинство беа изгласани годишните сметки на јавните претпријатија. За сметка на тоа, граѓаните на Охрид добија зголемени цени на услугите за ѓубретарина, зголемени цени на услугите од градски пазар, зголемени услуги за гробарина и гробни места. Бесмислените оправдувања кои секојдневно ги слушаме веќе од далеку се провидни. Фактот дека раководните лица се во неможност да ги менаџираат јавните претпријатија треба да го засега Градоначалникот Пецаков, вели Крлев.

Но, додава, народот го интересира и прашува: Какво добро видоа луѓето од работата на јавните претпријатија и дали се уште и до кога ќе треба тие да ја плаќаат цената за вработување на партиски заслужни кадри и делење на партиски колач помеѓу неколкумина засегнати?

OhridNews