Додека бројот на социјално загрозени смејства од Охрид на кои им е потребен мебел и покуќнина се зголемува, интересот на граѓаните да донираат во рамки на акцијата „Топол дом“, е се помал.

Од почетокот на акцијата која ја покрена министерството за труд и социјална политика во месец август, до сега реализирани се вкупно 25 донации, информираат од  Центарот за социјални работи.

На почетокот на акцијата интересот на охриѓани беше поголем, но во моментов немаме добиено нови понуди од семејства или компании кои би донирале искористен мебел, покуќнина, бела техника, велосипеди или други предмети кои кај многу семејства стојат неискористени, а со кои би се задоволиле потребите на оние лица и семејства кои немаат средства за да ги набават. За жал нивниот број е се поголем, велат од Центарот за социјални работи.

Оттаму со апел и до компаниите кои имаат можност да донираат мебел, да се обратат директно во центарот или пак на телефонскиот број во министерството за труд и социјална политика 080055800 или на е-маил адресата [email protected]

Акцијата продолжува и понатаму со цел да им се помогне на граѓаните на кои помошта им е неопходна. 

Т.К.