– Се надеваме дека ќе имаме можност да се задоволи бараниот минимум во однос на нови лекари, но и останат медицински персонал. Кога министерот за здравство, Бујар Османи, ја посети нашата болница го информиравме дека за нормално да функционира болницата неопходно е вработување на минимум 15 лекари. Болницата сега се опремува и со современа апаратура, за која неопходен е и стручно оспособен кадар кој ќе ја користи. Сепак, додека не добиеме официјално извесување од надлежното министерство не може да зборуваме за точната бројка на лица кои ќе бидат вработени во Општата болница, вели директорот д- р Љубен Арнаудов.
Владата на Република Македонија, минатата недела донесе одлука за вработување 200 доктори по медицина, 60 медицински сестри и 20 рендген и лабораториски техничари во сите јавни здравствени установи во државата. Вкупните фискални импликации во однос на вработувањата ќе бидат меѓу 120 и 150 милиони денари на годишно ниво.
Министерот за здравство потенцираше дека овие вработувања се најдобар одговор на предизвиците со кои се соочувало јавното здравство во изминатите 15 до 20 години во делот на кадровската политика, а како што посочи, се манифестирале преку преминување на дел од искусниот и квалификуван медицински кадар во приватните здравствени установи.