Со финансиска поддршка на Стоматолошкиот центар „Д- р Баткоски“ и хотел „Максимус“, а на иницијатива на советникот Сашо Донев и в.д. директорот на основното училиште „Христо Узунов“, Тони Симоноски, реновиран и повторно ставен во употреба мостот на улицата „Питу Гули“, наменет за безбедно преминување на учениците кои доаѓаат на настава во училиштето.

Како што информира Симоноски, утврдени биле големи оштетувања на мостот, на кој недостасувале делови од подот, уништена била пластичната покривна конструкција, а осветлувањето воопшто не функционирало.

Неопходно беше да се преземат низа активности, пред се насочени кон поголема безбедност на учениците. Меѓу приоритетите, беше санацијата на мостот кој подолг период не беше во употреба, бидејќи поради оштетувањата можеше да дојде до несакани последици.  Со заедничка иницијатива со советникот Донев и поддршка од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, еве мостот се реновира и повторно е ставен во употреба, за да можат учениците безбедно да ја преминуваат улицата, вели Симоноски.

Од Стоматолошката ординација „ Д- р Баткоски“ и хотел „Максимус“ изјавија дека со задоволство ја поддржале санацијата на мостот, потенцирајќи дека безбедноста на учениците е на прво место.

Во изминатиот период сведоци бевме на сообраќајни незгоди во кои при преминување на улицата беа повредени неколку основци. Тоа беше и мотивот да се вклучиме во активностите за реновирање на мостот со цел да го користат што поголем број ученици. За да не дојде до негово повторно уништување и да не служи како собиралиште на млади луѓе со девијантно однесување, поставени се и врати кои ќе се отклучуваат и заклучуваат зависно од одвивањето на наставата во училиштето, изјави д- р Небојша Баткоски.

Од ординацијата „Д- р Баткоски“ и хотел „Максимус“ најавуваат продолжување на соработката со ОУ „Христо Узунов“. Во идниот период предвидено е и уредување на спортското игралиште во рамки на училиштето и набавка на нова спортска опрема.

Т.Кувенџиска