Беспредметните патувања на општински трошок се заштитен знак на минатата локална власт и за среќа на охриѓани, тоа е веќе минато. Новото раководство на Локалната самоуправа, посветено и домаќински работи за подобрување на секојдневното живеење на граѓаните и промоција на Охрид, како светски позната топ туристичка дестинација, се наведува во реакцијата на локалната самоуправа во врска со обвинувањата на ОО на СДСМ.

– Она што Вие го нарекувата екскурзија всушност е работна посета на Руската Федерација, каде градоначалникот Никола Бакрачески во Москва ќе го промовира Охрид пред тур–операторите, туристичките агенции и туристичките работници, од каде што резултати се очекуваат уште во оваа туристичка сезона. Од самиот момент на преземање на локалната власт, градоначалникот Бакрачески воведе нови методи во промоција на туристичката понуда на Охрид, она што Вие уште тогаш го критикувавте денеска вродува со плод за што сведочи и перманентното зголемување на реализирани ноќевања од странски и домашни гости. Позиционирањето на туристичката понуда на Охрид на светската туристичка мапа повеќе не е мит, сега  тоа е реалност, стои во реакцијата.

Што се однесува на патувањето на секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, од локалната самоуправа велат дека тоа се реализира на покана и на трошок од Стејт Департментот на САД.

OhridNews