Портпаролот  на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски, ги отфрли обвинувањата кои беа изречени на денешната прес- конференција во општинската СДСМ, а кои се однесуваат на работењето на Општина Охрид, Јавните Претпријатија и установи што се под нејзина надлежност.  

– Од СДСМ  најмногу време потрошија на зборување за распишаниот конкурс за избор на директор на ЈП Нискоградба , без притоа да  посочат на суштински пропусти во постапката , затоа што ги нема. Впрочем и во расправата на една од Седниците на Советот на општина Охрид се расправаше на оваа тема и денешното повторување е само бесцелно политичко ангажирање. Само да потсетиме дека конкурсот е во согласност со Законот за јавни претпријатија и Статутот на ЈП „Нискоградба“, истакна Џамтоски.

Во однос на барањето за посебни лиценци за воспитувачите и негувателите, Џамтоски потсети дека тоа е светска практика, за постојано надградување на знаењата на оние лица на кои им се доверуваат децата, а во однос на  употребата на англискиот јазик,  портпаролот потенцира дека Локалната самоуправа ќе ги  поддржи сите  законски измени што значат придобивка за Охрид.

Џамтоски со објаснување и во врска со денес искажаното од ОО на СДСМ за ребалансот на буџетот .

– Финансиските средства од Светска Банка планирани во буџетот на општина Охрид за 2013 , не се класични банкарски средства кои се трансферираат на општинска сметка, туку  тоа е кредитна линија за финансирање на инфраструктурни проекти.  Новата локална власт, при преземањето на мандатот се соочи со фактот дека  дотогаш Општина Охрид, немала изработено ниту еден проект, кој може финансиски да биде поддржан за реализација од кредитната линија на Светска банка во 2013 г., односно не постои ниту еден основ по кој може да се искористат овие средства, рече Џамтоски.

Тој појасна дека ребалансот на буџетот , во никој случај не претставува намалување на средства во висина од 500 милиони денари, заради фактот што основниот буџет- изворни приходи на општина Охрид за 2013 година, е во висина од 610 милиони денари.

– Намалување на приходниот дел на буџетските средства во висина од приближно 167 милиони денари е во ставката за надомест на уредување на градежно земјиште (комуналии). На остварување на овој приход во најголема мерка влијаеше укинувањето на практикувањето на поравнување, односно законски недозволениот начин на плаќање со цесии, асигнации и компензации. Од април до октомври годинава споредено со истиот  период лани, општина Охрид  остварила многу повеќе средства по однос на прибрани средства по основ на  данок на имот, данок на доход, такси и надоместоци, закупнина на општински имот и сл. , односно на ниво на планираните за 2013 година“, потенцира Џамтоски.  

На денешната средба со новинарите беше посочено дека новото локално раководство  со преземање на функцијата посветено  работи на Решавање на проблемот со  наследениот  долг на општината од 32 милиони евра и дека ќе продолжи во реализацијата на програмата одобрена од граѓаните на Охрид на последните локални избори.