Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото, соопшти денеска Општина Охрид, по повод продолжување на акцијата за отстранување на објекти од плажите на кои им е истечена концесијата. Општина Охрид е цврсто одлучена да воведе ред и да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје, се наведува во соопштението за јавност.

Денеска градежната механизација и работните екипи ангажирани од Општина Охрид започнаа со активности за отстранување на платформите на плажите „Куба Либре“, „Кадмо“ и „Бела Виста“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Исто така, во текот на наредните денови ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“. – се вели во соопштението на Општина Охрид.

Општина Охрид: Цврсто сме одлучени да ставиме крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажитe

Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите, посочуваат од Општина Охрид.

Остануваме посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките. Никој не може и не смее да биде над законите и интересите на Охрид. – стои во соопштението за јавност на Општина Охрид.