Доколку на наредната седница на Заедницата на единиците на локалната саноуправа -ЗЕЛС,  не се расправа за уривањето на станбено деловниот комплекс „Космос“ во нас. Гази Баба во Скопје, општините кои имаат градоначалници од редовите на СДСМ, меѓу кои и Охрид, ќе го преиспитаат натамошното учество во ова тело.

Ова го најави градоначалникот на Струмица Зоран Заев по состанокот на партиите од опозицијата вчера во Скопје, на кој на иницијатива на ПЕИ се расправаше за случајот „Космос“.

– Се надеваме дека нема да дојде до разгледување на други алтернативи кои што можат да бидат преземени од страна на нас 7-те градоначалници од СДСМ. Сакаме да опстоиме во духот на единството кое што општините го демонстрираат во консензуалното одлучувањње и се надеваме дека нема да дојде до некој одредени други последици кои што ќе предизвикаат неприфатливи и недобри состојби за Република Македонија, истакна Заев на прес конференцијата на која присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Градоначалниците на СДСМ сметаат дека спорниот објект на пратеникот и лидер на ПЕИ Фијат Цаноски кој е предмет на уривање е законски изграден и не отстапува од планската документација за што постои позитивно мислење од Универзитетот „Св. Кирил и  Методиј“ и од Архитектонскиот факултет и побараа од градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски да ја преиспита целата постапка, посочувајќи дека последиците од преземетите дејствија ќе ги сносат сите граѓани на државата.

Според градоначалникот на Гази Баба, комплексот Космос е изграден спротивно на Деталниот урбанистички план и спротивно на Основниот проект и претставува типичен пример на непочитување и кршење на Законот за градење од страна на инвеститорот.

OhridNews