Наместо да ја поддржат и охрабрат неуморната работа на комуналните работници кои со целокупната расположлива опрема, на минусни температури, во три смени го чистат снегот од улиците и јавните површини во градот, ВМРО ДПМНЕ неосновано критикува. Ова, меѓу другото, се наведува во реакцијата на Општина Охрид, на прес конференцијата на портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид Перчо Божиноски, во врска со справувањето на градските власти со снегот.
За поголема безбедност на сообраќајот и пешаците, во текот на вчерашниот и денешниот ден непрекинато се работеше за отстранување на снегот од улиците, пешачките патеки и јавните површини во градот. Покрај ангажманот на околу 100 работници на терен, ставена е на располагање целокупната механизација и опрема на ЈП “Охридски Комуналец”. И покрај непрекинатите снежни врнежи, расчистени и проодни се сите фреквентни сообраќајници во централното градско подрачје и периферните населби. Исто така, расчистени и проодни се локалните патишта кон сите села во општината. Сообраќајот се одвива непречено, согласно временските прилики. – стои во реакцијата на Општина Охрид.

Во недостаток на вистински теми за критика, ВМРО ДПМНЕ зборува за инвестиции во механизација и опрема, иако додека беа на власт не купија ниту една нова лопата за чистење на снег, за службите на ЈП “Охридски Комуналец”, велат од локалната самопуправа.
Иако им е добро познато, во оваа прилика да ги потсетиме дека за подобрување на комуналните услуги и подигнување на капацитетот на ЈП “Охридски Комуналец”, Општина Охрид во текот на изминатите две години набави вкупно 11 нови специјални комунални возила и 10 моторни чистачи за чистење на снег со дувалка. Се работи за инвестиција во опрема во износ од околу половина милион евра. Исто така, комуналното претпријатие од сопствени средства постојано инвестира во набавка на опрема и континуирано работи на подобрување на условите за работниците во сите служби. Граѓаните добро знаат, но нека одговорат господата од ВМРО ДПМНЕ како се справуваа тие со снегот додека беа на власт и како изгледаше Охрид со 10 сантиметри снег? Како беа расчистени коловозите, тротоарите и јавните површини? Нека одговорат и колку пари потрошија за ангажирање на механизација за чистење за четири години и каква опрема за чистење набавија? 0 прашуваат од Општина Охрид.
Инвестициите на градот за подобрување на условите за комуналните работници и подобрување на услугите за граѓаните ќе продолжат, исто и ативностите за чистење на снегот, а граѓаните сами ќе проценат што е вистински и реален ангажман, а што е лажна загриженост за собирање на евтини политички поени, се вели во соопштението.
OhridNews











