Петнаесеттина државни просветни инспектори денеска вршеа контроли во основните и средните училишта во општина Охрид и во основното училиште во Дебрца.Овој чин во општината го сметаат за флагрантно кршење на Законот за просветна инспекција.

„Општина Охрид смета за  потребно да ја информира јавноста за непримерниот однос и пречекорување на законските овластувања од страна на Државниот просветен инспекторат. Станува збор за директно кршење на повеќе членови од Законот за просветна инспекција“, реагира  раководителот за јавни дејности  во Општина Охрид, Митре Велјаноски.


Како што вели Велјаноски, според членот 25 од овој закон,  пред да се изврши посета на воспитно-образовна установа, Државниот просветен инспектор писмено треба да го информира директорот на установата, училиштниот одбор и советот на родители за својата намера.

„ Денеска тоа не е направено од страна на ниту еден државен просветен инспектор кои дојдоа од цела Македонија, а ги има по двајца во средните и по еден во основните училишта во Охрид и Дебрца“ објаснува Велјаноски и додава дека освен членот 25, се прекршени и членовите 19, 20, 21, 22, 23 и 24 од Законот за просветна инспекција.

„Општина Охрид, подвлекува Митре Велјаноски,  апсолутно нема ништо против вршење надзор на работењето   на училиштата , но максимално  го крева својот глас против незаконитоста и самоволието , инспирирано од дневни политички цели и предизборна позадина“.

Охридскиот градоначалник, Александар Петрески,  најавува дека за овој случај ќе реагира  и до претставниците на Европската Унија.

„Покрај кршењето на законот, ова е и директен атак врз  локалната самоуправа пред изборите, и не  е случајно, што од Струмица, инспекторите директно се префрлија во Охрид.

Од Општина Охрид велат дека е симптоматично што  во  денешните контроли не се вклучени инспекторите од регионов. „Луѓето што влегоа во училиштата  се претставуваат  со неважечки легитимации, зашто важечките се уште не се испечатени“, објаснува Велјаноски и додава дека ќе се побара одговорност од директорите на училиштата кои ги назначува градоначалникот, доколку примиле инспектор  со невалидна легитимација.

Општина Охрид бара од премиерот на Владата, Никола Груевски да го разреши министерот за образование, а од охридските пратеници очекува да покренат и негова интерпелација.

„И во најдемократските земји, ниту полицијата не влегува на ваков начин во најтешките криминални банди“, реагираат од Општина Охрид.

А.Р.