Локалната самоуправа од Охрид, најостро реагира на донесувањето на  Законот за развојни туристички зони, измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење , што се во собраниска процедура и по секоја цена парламентарното мнозинство на чело со ВМРО- ДПМНЕ,  сака набрзина да ги изгласа.

-Сметаме дека ова е последниот удар на централната власт врз процесот на децентрализацијата, особено врз Охрид, чија иднина е во развојот на туризмот. Со донесувањето на Законот за развојни туристички зони, охридската локална самоуправа , целосно се суспендира во постапката за управување на неизграденото градежно земјиште. Со овој Закон , Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, е таа која предлага кое градежно земјиште, ќе биде прогласено  за развојна туристичка зона и ќе ја спроведува постапката за продажба на земјиштето. Со овој Закон, приходите од продажбата на земјиштето , како и досега 20 отсто ќе бидат за државата, а 80 отсто за Локалната самоуправа, но тоа се проценти од продажба на метар квадратен за по едно евро. Реалната цена, на атрактивните крајбрежни простори се движи од 300 до 500 евра, стои во писменото соопштение од Кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.

Во него се потенцира дека со овие законски решенија , Агенцијата и Владата на ВМРО- ДПМНЕ , си обезбедуваат законско покритие, да газдуваат со најатрактивното земјиште во Македонија, да преговараат и да го продаваат во четири очи, за само по 1 евро за метар квадратен. После сево ова, на Локалната самоуправа во Охрид и останува да се развива со продажба на локации на периферијата на градот.

-Покрај ова, Локалната самоуправа на општина Охрид е суспендирана и во издавањето на одобренијата за градба, зошто сите објекти имаат статус од прва категорија, се наоѓаат во централното градско јадро , контактната зона или во најатрактивните делови на крајбрежјето. Ја повикуваме Заедницата на единиците на локалната самоуправа, енергично да се спротивстави на носењето на овие погубни закони за општините или во спротивно најавуваме дека Општина Охрид  ќе го преиспита своето членство  во ЗЕЛС и ќе ги врати досегашните надлежности во процесот на децентрализацијата, пишува меѓудругото во соопштението.

OhridNews