Неточните, невистинити, тенденциозни и небулозни се обвинувањата на „Охрид СОС“, смета општина Охрид. Локалната самоуправа со соопштение денеска реагираше на јавно изнесените ставови на еколошкото движење, нарекувајќи го „правно непозната и наводна невладина организација“. Охрид СОС вчера преку соопштение до јавноста ја обвини општината дека го протуркала проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“ замаскиран како поставување урбана опрема, со што се избегнува јавноста во процесот, како и за прекршување на голем број закони, за што најави дека ќе бидат алармирани домашни и меѓународни институции и организации.

Според општината, пак, таквите обвинувања се лажни и сензационалистички, обвинувајќи поединци од движењето за неодговорно однесување и неточно претставување пред јавноста.

– Пример за ваквото однесување е и тоа дека извесно лице се легитимира како претседател на Месна Заедница Лагадин а согласно службената евиденција на Општина Охрид не и избаран претседател на оваа месна заедница. Оттука искрено не зачудуваат паушалните еколошки изјави на наведеното лице и следствено на тоа и на чудно правно поставената т.н. невладина организација. – стои во соопштеноето.

Според општината зад, како што се наведува во соопштеноето „еколошки грижи“ се крие единствено желбата тоа место да биде ексклузивно право на само 6-7 фамилии кои во текот на летото истото ќе го узурпираат оневозможувајќи тоа да бие место каде сите граѓани на Охрид ќе може да уживаат и со своите семејства да се рекреираат на убаво уреден простор.

-За волја на вистината по однос на наводите за поставување на урбана опрема на плажата ја известуваме јавноста дека согласно донесената програма за поставување урбана опрема ваква активност не е предвидена во истата. Проектот за изградба на плажата во Лагадин ќе биде исклучиво одраз на желбите и потребите на сите граѓани на Охрид. Градоначалникот на Охрид , Никола Бакрачески цврсто стои зад сите свои јавни изјави и секогаш ќе се залага во пракса да се спроведуваат еколошки проекти кои ќе овозможат реална заштита на Охридското Езеро притоа доследно почитувајќи ги сите законски норми и прописи. Тоа е негов начин на работа за разлика од некои други кои темата екологија ја користат исклучиво заради остварување на лични страсти и желби. – се вели во реакцијата на општина Охрид.

Оттаму уште додаваат дека адвокатскиот тим на општината за неточните, невистинити паушални и тенденциозни изјави ќе покренат соодветна законска постапка за клевета со цел да се заштити интегритетот на локалната самоуправа и нејзините службени лица.

OhridNews