Наместо конструктивна дебата за развојот на Охрид и објективно согледување на постигнатите резултати, за жал, сведоци сме на политички наративи кои имаат за цел да го минимизираат сработеното. Тврдењата за наводно отсуство на отчетност се во директен конфликт со фактичката состојба на терен. Состојба која охриѓани секојдневно ја гледаат и ги чувстуваат бенефитите, реагираат од Општина Охрид на прес конференцијата на СДСМ Охрид дека нема отчетност за сработеното од страна на градоначалникот и дека се поминати 200 дена на квази проектите, популистичките импровизации и дневнополитичките објави.
Најдобар показател за успешноста на една локална самоуправа не се политичките говорници, туку реализираните капитални проекти, оние кои со децении беа заборавени или одложувани. Охрид во изминатиот период поминува низ интензивна, системска и инфраструктурна трансформација. Фактите недвосмислено потврдуваат дека во градот се завршени или се во фаза на реализација проекти кои директно го подигнуваат квалитетот на живеење. Капиталните инвестиции кои со години беа само дел од изборните програми, денес се реалност. Во изминатиот период, се реализираа проекти од круцијално значење за Охрид, посочуваат од Општина Охрид.
Започнати се и се реализираат витални проекти, велат од Општина Охрид, посочувајќи ги изградбата на катната гаража, новата пречистителна станица во Трпејца, како и обновата на пумпната станица кај „Метропол“.
Изградена е нова спортска сала во село Лескоец, а Охрид по долгогодишни напори доби и нова училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“. Тука е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“, со која се враќа препознатливиот лик на охридската чаршија. Охрид конечно добива инфраструктура соодветна за еден современ град. Комплетно се обновени главните градски артерии со нови коловози, пешачки зони и велосипедски патеки. Темелно се реконструирани клучните градски улици: „7-ми Ноември“, „Гоце Делчев“, „Прилепска“, дел од „Даме Груев“, „Момчило Јорданоски“ и „Радојца Новичиќ“. Оваа локална самоуправа се грижи еднакво за руралните средини.
Ги посочуваат асфалтираните локални патишта до црквата „Св. Атанасиј“ во Рамне, како и патните правци за селата Плаќе, Свиништа и Завој, со сериозни инфраструктурни вложувања во Велгошти, Пештани и Лакочереј.
Наместо површни решенија, се пристапува кон суштинско решавање на проблемите. Со замена на децениските водоводни цевки и изградба на нова фекална и атмосферска канализација во повеќе урбани и рурални заедници, трајно се решаваат егзистенцијалните проблеми на граѓаните. Комплетно е реконструиран паркот кај „Мазија“, а во речиси сите маала се изградени и модерно опремени детски и спортски игралишта. Обезбедени се посовремени услови за едукација преку имплементација на енергетски ефикасни фасади, замена на покривните конструкции и дограмата во повеќе основни и средни училишта во градот.
Со постојано вложување, истакнуваат, се работи на културата, со акцент на најмладите, и се инвестира и во спортот што ни носи врвни резултати.
Вистинската одговорност пред граѓаните не се докажува со реторика, туку со завршени проекти и системско решавање на децениските проблеми. Наместо дневна политика, нашиот фокус останува цврсто насочен кон долгорочниот развој на Охрид. Делата и реализираните проекти се најдобриот аргумент, а граѓаните се оние кои секогаш ја даваат најобјективната оценка за сработеното, додаваат во реакцијата од Општина Охрид.
OhridNews













