Општина Охрид започна постапка за изработка на нов Локален еколошки акционен план (ЛЕАП) за периодот 2026-2032 година, документ што ќе ги дефинира приоритетите и мерките за заштита и унапредување на животната средина во наредните шест години.

Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 26 мај годинава ја усвои иницијативата за изготвување на ЛЕАП 2026-2032, а истовремено беа именувани координатор и заменик координатор, како и Локален управен комитет кој ќе учествува во подготовката на стратешкиот документ.

За координатор е именувана Јасминка Трајковска Момироска, а за заменик координатор Суарта Амети. Во Локалниот управен комитет се вклучени претставници на државни институции, јавни претпријатија, научни установи, невладини организации и експерти од областа на животната средина.

Новиот ЛЕАП треба да обезбеди стратешка рамка за справување со клучните еколошки предизвици во Охридскиот регион, вклучително и заштитата на природното и културното наследство, управувањето со отпадот, квалитетот на водите и воздухот, како и одржливото користење на природните ресурси.

Г.М.