Општина Струга не се согласува со предлогот инспекциските служби кои се под ингеренции на локалната самоуправа да преминат под државна надлежност. Својот став општината го изнела на состанокот на ЗЕЛС, одржан денеска во Скопје, на кој се разговарало за проблемите во функционирањето на инспекциските служби од областа на урбанизмот, туризмот и животна средина.

На состанокот на кој присуствувале претставници на Државниот инспекциски совет, најжешка дебата се водела околу предлогот градежниот инспекторат да премине под надлежност на државата. Таквиот предлог е неприфатлив за општина Струга, а против се изјасниле и неколку други општини.

-Ваквиот предлог е спротивен на процесот на децентрализација, што е основна цел на функционирање на општините.-велат од локалната самоуправа во Струга.

Претставникот на општината на состанокот, Кренар Лога, предложил формирање на државна институција, по примерот на ИНУК во Албанија, што ќе ги спроведе одлуките на инспекторатот од областа на урбанизмот (уривање на објекти со одлука на локална власт), со што нема да се оптовари буџетот на општините, но и џебот на граѓаните. 

Овој предлог, како што информираат од општина Струга, бил прифатен како заклучок на средбата и се очекува за истиот да се произнесе централната власт, односно Владата на РМ.

OhridNews