На првиот ден од рамазанските пости, вработените во администрацијата во општина Струга биле известени со писмено соопштение потпишано од градоначалникот Рамиз Мерко, дека за време на рамазанските пости се забранува носење на храна, пијалаци и пушење цигари во канцелариите.

Во телефонски разговор за OhridNews, градоначалниот Мерко вели дека не се работи за наредба, туку за известување кое важи за сите.

– Некој се поигрува сега со тоа, мисли дека сум вовел драстична забрана. Не е убаво пред колегите кои постат да се јаде и да се пие. Не е тоа за тие кои не се муслимани, туку и за сите и за тие кои се албанци, турци, египќани кои не постат, да не се внесува храна од ресторани и продавници и да не готват во канцелариите сега барем кога е пост. Општината не е ресторан за готвење и јадење. Што се однесува до пушењето тоа е забрането со закон секако и не смее да се пуши во канцелариите. – изјави Мерко за OhridNews

Забраната за носење и консумирање храна и пијалаци за време на рамазанските пости во канцелариите на општина Струга, денеска е тема на бројни коментари на социјалните мрежи.

Г.М.