Општина Охрид до сега нема испратено официјално барање до Владата на Република Северна Македонија во врска со изземање или отстапување на ингеренции во одредена сфера од работењето на локалната самоуправа, велат од општината.

Општина Охрид очекува дека заеднички со Владата преку плански и стартешки пристап, постепено, чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и дека ќе ги поправи сите грешки од минатото, направени од претходните власти. Целта е на наредната сесија на Комитетот за светско наследство, конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност, се вели во писмената реакција на локалната самоуправа.

Во процесот на исполнување на препораките на УНЕСКО, Општина Охрид веќе има постапено по Препораката број 9 за Изработка на Регистар за нелегални градби, по Препораката број 19 со реализираната акција за отстранување на палмите кои се неавтохтони и инвазивни видови и со започнатата акција за отстранување на рекламните билборди од централното градско подрачје. Исто така веќе имаме спроведено и активности по Препораката број 18 за Регулација на сообраќајот во Стариот дел на градот. Беа организирани две јавни трибини со жителите на урбаната заедница Стар град со цел да се разменат мислења за режимот на сообраќај и начинот на негово регулирање. Веќе започна да функционира системот за електронско евидентирање на движењето на возилата во овој дел од градот, а за таа цел се издадени посебни картички за евиденција на моторни возила. – стои во соопштението за јавност на локалната самоуправа.

Општината информира дека во моментот нејзините служби, вршат поединечна ревизија за секој предмет кој е дел од Регистарот на дивоградби и поеднечно ќе се носат одлуки за понатамошно постапување. Исто така во тек е постапката во врска со огласот за јавна набавка за ангажирање на градежна механизација за спроведување на административно управни акти за рушење на дивоизградени објекти.

Сите активности кои Општина Охрид ќе ги преземе во наредниот период во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО, ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, во постојана координација и комуникација со останатите надлежни државни институции, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана. – соопшти Општина Охрид.

Премиерот Заев, вчера, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција во Скопје, најави дека државата ќе ги преземе ингеренциите од општините Охрид и Струга во сферата на градежништвото, со цел исполнувања на барањата за зачувување на УНЕСКО статусот на Охридскиот регион. Тој истакна дека до него се уште не стасало писмото од градоначалникот на Струга Мерко кој најави предавање на ингеренциите, но доколку општината ги предаде надлежностите државата ќе ги преземе поради обврската да се зачува статусот на единственото УНЕСКО подрачје во земјата, но и за да стави ред и да се спречат, како што рече, одредени девијантни појави таму.

Ингеренциите се одземаат по закон. Јас го немам добиено писмото од господинот Мерко за кое читам од медиумите, веројатно ќе стигне, слушам и Охрид сака да ги отстапи ингеренциите во делот на градежништвото. Очигледно јас очекував во овој период институциите да постапат, не само заради актуелните теми кои се во Охрид и Струга, заради УНЕСКО, ако не постапат тогаш државата ги одзема ингеренциите. – изјави премиетот Заев.