Советот на општина Охрид, на својата денешна седница ги изгласа Буџетот и Равојните програми за 2016 година. Општинската каса догодина ќе има на располагање околу 18 милиони евра.

Според советниците на СДСМ, новиот буџет е потполно неразвоен и нема да донесе ништо ново за Охрид.

-ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески апсолутно немаат равојна визија за Охрид, а тоа граѓаните одамна го знаат. Советничката група на СДСМ заедно со коалиционите партнери во континуитет тоа го кажува и должни сме денеска да истакнеме дека со Буџетот за 2016 година ништо нема да се смени. Безидејноста на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ продолжува и за наредната 2016 година, рече Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.

Опозициските советници реагираа на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Oхрид за 2016 година.

-Според Буџетот за 2016 година за некои урбани блокови во градот Охрид и за дел од селата, урбанистичките планови ќе бидат финансирани на сметка на општинскиот буџет, а за други села и урбани блокови граѓаните дополнително треба да издвојуваат свои средства и да ги платат самите урбанистичките планови. Тука ние гледаме една класична дискриминација на граѓаните и апсолутно не се поддржува граѓанскиот пристап во донесување на урбанистичките планови, рече Стојаноски. Тој истакна дека за опозицијата не се прифатливи и Програмите на јавните претпријатија и Програмата за работа во областа на располагањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Oхрид.

Според секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, Буџетот за 2016 година ќе биде функционелен и одржлив.

-Очекуваме еден функционален буџет, буџет кој ќе може да ги задоволи нашите потреби и буџет кој ќе создава можности и нема да создава нови долгови. Она што е многу важно да се каже дека во вака конципираниот буџет со бројни активности и проекти, градоначалникот Бакрачеки и оваа администрација внимаваат да се изнајдат соодветен број на средства, со кои општина Охрид ќе ги покрива старите долгови, што е многу важно, појасни Спасески.

Тој нагласи дека во рамки на Развојните програми за 2016 година предвидени е реализација на голем број инфраструктурни проекти.

-Практично 2016 година ќе биде година на сериозни инфраструктурни инвестициски зафати во градот Охрид со тоа што голем дел од проектите кои што се во финална фаза ќе бидат завршени, а оние проекти кои не беа отпочнати ќе отпочнат и на тој начин ќе пристапиме кон една комплетна реализација на ветената програма за работа, појасни Спасески.

Во однос на обвинувањата на опозицијата во врска со финансирањето на изработката на урбанистички планови, Спасески појасни дека Програмата за изработка на урбанистички планови е креирана врз основа на законските прописи и обврски кои ги има општината во овој сегмент од нејзиното работење.

Е.М