Организациониот одбор на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2026“ донесе одлука за исклучување на екипите Инекс Олгица Хотел и Спа и Др. Баткоски од понатамошното натпреварување, по инцидентот на нивниот четвртфинален натпревар, кој беше прекинат.
Како што соопшти Организациониот одбор, одлуката е донесена едногласно, согласно член 7 од Правилникот на турнирот.
Во образложението се наведува дека на турнирот нема место за неспортско однесување, навреди, закани, провокации и непочитување на судиите, противниците, организаторите и публиката.
Правилата важат за сите, без исклучок. Никој не е над Правилникот, а кој не ги почитува правилата, судиите и основните принципи на спортското однесување, нема место на турнирот. Името, угледот или статусот на која било екипа не може да биде над правилата, се наведува во соопштението на Организациониот одбор.
Организаторот потенцира дека фер-плејот, почитта и спортското однесување се темелните вредности врз кои се организира турнирот, нагласувајќи дека донесената одлука е конечна.
Турнирот продолжува вечерва со преостанатите четвртфинални натпревари, по кои ќе бидат комплетирани полуфиналните двојки.
OhridNews













