Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва објави дека го осудува инцидентот кога на крајот на денешниот протестен марш во нивна организација, беа нападнати новинарите на порталот А1он, кои беа префрлени во скопскиот Ургентен центар, јавува „Макфакс“.

„Го осудуваме инцидентот за кој јавуваат дел од медиумите. Апелираме на избегнување и воздржување од провокации од секоја страна и од секој поединец. Ги повикуваме надлежните институции да ги пронајдат сторителите со цел да се откријат вистинските мотиви и позадината на истиот. Ние сме тука за Македонија, за Заедничка Македонија, и од тоа нема да отстапиме…“, се наведува во објавата на иницијативата.

Медиумскиот синдикат ССНМ најостро го осудува вандалскиот напад врз новинарската екипа на порталот А1он, којшто се случи вечерва за време на протестот организиран од неформалната граѓанска иницијатива „За зааедничка Македонија“.

„Учесници на денешниот протест ги претепале снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски во близина на републичкото Собрание и целосно им ја уништиле камерата. По инцидентот екипа на Брза помош ги пренела колегите во Ургентниот центар“, информираат од Синдикатот и бараат полицијата “во најкраток можен рок да ги пронајде напаѓачите и да го расчисти инцидентот, бидејќи ова не е прв пат да се претепуваат новинари и она што најмногу загрижува е што најчесто напаѓачите остануваат неказнети“.

„Токму ваквиот однос кон новинарската професија, меѓу другото, придонесува Македонија секоја година дополнително да тоне на меѓународните листи за слобода на печатот и да гравитира поблиску до земји како Северна Кореја, отколку до современите демократии“, велат од ССНМ.

Дополнително, како што се наведува во соопштението, овој инцидент е резултат на „неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“.

OhridNews
извор: „Макфакс“