Да се развие стратегија која вклучува ценовна политика, одредување на типот на клиенти, организирано дејствување околу начините на рекламирање на интернет и како да се привлечат саканите гости, е она што сопствениците на охридските сместувачки капацитети имаат можност да го научат на втората работилница што се одржува во Охрид, во рамки на ИМЕ програмата за зголемување на пазарната вработливост, а во заедничка организација со ЕСА, за подобро искористување на продажните и дистрибутивните канали со цел да се зголеми продажбата на сместувачките капацитет преку целата година.

– Приватното сместување во Охрид е значаен сегмент во туристичката понуда, опслужува голем број гости и нуди квалитетна услуга, но има простор тоа да се подобри. Особено во делот на промоција на различни продажни интернет канали преку кои ќе се зголеми продажбата на приватното сместување и вон сезона. Често пати, на сопствениците на капацитетите ова им е како дополнителна дејност  и немаат доволно познавања и информации како да се промовираат и ги продаваат капацитетите, како да се насочат кон различи целни публики. Оваа обука нуди информации кои се други продажни канали може да ги користат, преку таргетирање на конкретна целна публика. Независно дали станува збор за гости кои се заинтересирани за авантуристички туризам, разгледување културни знаменитости, гастрономија. Секој од нив има различни потреби и сопственикот зависно од нивните потреби може да ја пренесе пораката за тоа што нуди и како да им се задоволат потребите, објаснува Жаклина Гештаковска Алексовска од Swisscontact.

Особено внимание во рамки на обуките се посветува на цените на сместувачките капацитети и можноста за манипулација од страна на сопствениците.

– Има голем простор за зајакнување на вештините на сопствениците. Начинот на презентирање на цените на Booking.com се едни, на други канали различни. Може преку различни цени и понуди надвор од сезона да се зголеми искористеноста на капацитетот, а тогаш кога е најголема побарувачката, цената да се нивелира со онаа во пред сезона. Манипулацијата со цените може да донесе поголема исполнетост на капацитетите. Секоја сезона има различни услови, станува збор за динамичен пазар кој постојано се менува, но единствен начин во нешто да се биде успешен е да се пробаат различни стратегии, додава Гештаковска Алексовска.

Најголемиот број учесници на претходната обука веќе ги применуваат искуствата и знаењата стекнати во текот на обуката која како и овој пат, ја води Албион Идризи, претприемач со 22 годишно работно искуство во Германија и Косово, кој успешно води и раководи компании во туристичката индустрија на Косово и работи како консултант за локални и меѓународни организации во туризмот. Учесниците имаат можност и по завршување на обуките да да добиваат индивидуални совети во врска со развојот на својата понуда.

Во текот на месец мај во Охрид е предвидено да се одржат кратки обуки со локални експерти и конкретни теми.

Зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементирана од Swisscontact која од 2015 година работи на зајакнување на секторот туризам и угостителство во Македонија. „Тоа го правиме преку подобрување на квалитетот на производите и услугите кои се нудат и проширување на пазарите во три дестинации: Охрид, Крушево и Маврово. Оваа година дел од нашите активнпости ќе бидат посветени кон зајакнување на понудата на сместувачките капацитети“, велат организаторите.

OhridNews