Оштетено стакло и дел од таблата каде е испишано името на бугарскиот клуб „Цар Борис Tрети“ во Охрид. Од СВР Охрид информираат дека оштетувањето било пријавено ноќеска во 2 часот и 5 минути.

Во СВР Охрид пријавено е оштетување на стакло од излог на „Здружение на граѓани Цар Борис III“, лоцирано на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид. Полициски екипи извршија увид и се работи на расветлување на настанот, вели портпаролот Стефан Димоски.

Ова е втор инцидент од отворањето на клубот. Пред повеќе од еден месец, по само неколку дена од отворањето беше искршена таблата на која е испишано името на здружението од страна на 47 годишен охриѓанец кој сам се пријавил во полиција.

Инаку, според последните измени кои беа направени во Собрание врз законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата.

Н.С.Ј.

фото. К.С.