Непознати сторители ноќеска оштетиле возило сопственост на семејството на судијката Билјана Белеска Пројкоска вработена во Основниот суд во Охрид.
Немилиот настан утрово е пријавен во охридската полиција, која работи на расветлување на случајот.
-Утрово во 9.30 часот пријавено е оштетување на семеен автомобил на судијка во Основниот суд во Охрид на ул. „Асном“. Искршени се стаклата од возилото. Случајот е евидентиран и се работи на откривање на сторителите и расчистување на немилиот настан. – изјави за OhridNews портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На возилото не била оставена некаква порака, а истрагата треба да утврди дали се работи за обично разбојништво или можеби случајот има поврзаност со работата на судијката кривичар во охридскиот суд која работи многу предмети.
Искршени се двете ветробрански стакла и двете стакла на совозачката страна. Од автомобилот ништо не е одземено, поради што семејството се сомнева дека случајот има некаква друга заднина, дотолку повеќе што ова не е прв пат имотот на оваа судијка да биде мета на напад. Претходно на два пати е извршена кражба на нејзин имот.
ОhridNews













