Од три до пет илјади евра казна за неупотреба на албанскиот јазик, двојазични пари, собраниски седници на албански јазик, министрите во владата ќе зборуваат на нивниот јазик, судските процеси ќе бидат двојазични ако во нив има Албанец, а двојазични ќе бидат и информативните табли. Ова се дел од новитетите за употреба на албанскиот јазик, договорени меѓу ДУИ и СДСМ, за албанската партија да му ги додели потписите од своите пратеници на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да формира Влада откако тоа не му успеа на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ.

На емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат-М, портпаролот на ДУИ Бујар Османи прашан дали албанскиот јазик ќе биде применет и на банкнотите и на монетите, рече дека во член 8 од новиот закон било предвидено и тоа. „Со Заев договоривме албанскиот јазик да го има на парите. Како член 8 од овој закон, и банкнотите и монетите ќе бидат на албански“, рече Османи.

Османи појасни дека за да се спроведува законот како што е договорено предвидени се и казни. „Овој закон е за употреба и заштита на албанскиот јазик. Тука многу јасно се предвидени механизмите за набљудување на употребата на албанскиот јазик и казнувањето на евентуалното неупотребување на албанскиот јазик. Со прецизни казни се предвидуваат три до пет илјади евра за институцијата, 30 отсто за физичкото лице раководител на таа институција. Дефинирани се сите компетенции на тој инспекторат, но и на агенцијата која ќе го направи стандаризирањето и одбраната“, рече Османи. Како што појасни Османи со новиот закон за употреба на јазиците на малцинствата собраниските седници ќе може да се водат и на албански јазик, а сите донесени закони ќе бидат двојазични. Исто така, министрите Албанци во владата,ќе можат да говорат и на својот мајчин јазик. Судските постапки, ако во нив учествува Албанец, ќе бидат двојазични, а тоа важи и за информативните табли на државните институции и сообраќајните знаци.

Химната, знамето и другите прашања за чие решавање е неопходно дво¬третинско мнозинство и менување на Уставот, не се дел од овој нацрт закон. Од двете партии деновиве велат дека се што е договорено е во согласност со Уставот. Поширока употреба на албанскиот јазик на целата територија на земјата беше клучно барање на партиите на Албанците за да учествуваат во новата влада. Нацрт¬законот беше подготвен од ДУИ во соработка со Алијансата на Албанците, по што СДСМ го разгледа и им достави забелешки, а во средата вечер, Централното претседателство на ДУИ ја прифати конечната верзија.

Денес се очекува продолжување на состанокот на Централното претседателство на ДУИ, за да се усогласат и другите предмети, а секако, се очекува и да се донесе конечната одлука десетте потписи од пратеничките мандати да му се дадат на Зоран Заев за да го добие мандатот од Претседателот Ѓорге Иванов. Според ДУИ, потписите се во рацете на нивниот лидер Али Ахмети.

OhridNews
извор Макфакс