Резултатите од екстерното тестирање на осмоодделенците се истакнати денеска во сите основни училишта во Република Македонија, а резултатите за сите останати ученици ќе бидат објавени во наредните неколку дена.

Врз основа на обработените тестови, просечната оценка за осмоодделенците е 3,67, што е за 0,14 процентни поени повеќе во однос на минатата година, кога просекот изнесуваше 3,53.

-Секој ученик ќе може да ги погледне оценките кои ги добил по предметите по кои бил тестиран и најдоцна во рок од три работни денови, доколку смета дека е потребно, ќе има можност да поднесе приговор до училишната комисија која ќе го проследи до Државниот испитен центар во чија надлежност е носењето на конечната одлука, појаснил Министерот за образование Спиро Ристовски, на денешната прес конференција во Скопје.

Според добиените податоци од Државниот испитен центар, од вкупно 21.658 осмоодделенци од оваа учебна година кои биле опфатени со екстерното тестирање, вкупно 21.191 полагале по два предмети, 249 ученици биле тестирани само по еден предмет, додека 218 ученици од  воопшто не биле тестирани во јунската сесија.

Учениците кои од оправдани причини не полагале еден од предметите или пак, воопшто не биле тестирани, тоа ќе можат да го направат во августовската испитна сесија за што дополнително ќе бидат информирани за термините и предметите по кои ќе се проверуваат нивните постигнувања.

OhridNews