Под мотото „Учиме надвор од училиштето“, учениците од  9 одделение при ООУ Св. Климент Охридски Охрид го посетија Клубот за подводни дејности Охрид во рамки на програмата по предметот Физика. Учениците на  практичниот час по Физика и вовед во нуркање кој го одржа Д-р Горан Балески, ги проширија своите знаења за притисок на гасови и течности и се запознаа со предностите на хипербаричната комора при нејзината употреба во медицината.

Во 9-то одделение се изучува за притисок на гасови и на течности, а многу често хидростатскиот притисок најлесно го објаснуваме преку нуркање во длабочина. Нашите ученици истражуваат практично колку што можат во училиште, меѓутоа имаме среќа што сме во близина на Охридското Езеро и имавме можност да го посетиме Клубот за подводни дејности Охрид и децата да присуствуваат на едно поинакво предавање. Во Клубот, Д-р Горан Балески на учениците им одржа предавање за значењето и промената на својствата на гасовите под дејство на притисок, и им беше објаснато за што се користи хипербаричната комора која ја имаме во Охрид, вели Галина Малезаноска, наставник по физика во ООУ „Св. Климент Охридски“ под чие менторство беше реализирана посетата. 

За време на предавањето учениците покажале зголемен интерес за тематиката. Како што вели Малезаноска, децата сепак го паметат она што им е интересно.

Од Клубот за подводни дејности изразуваат задоволство од одличното познавање од страна на децата на материјалот и велат дека се расположени и за останати активности и соработка и со останатите средни и основни училишта.

 

К.А.