Одржана едукативна online работилница на тема Превенција и грижа за оралното здравје кај младата популација на ученици од трето одделение од ООУ “Григор Прличев” Охрид. Д-р Кристина Стојаноска Алоска, доктор стоматолог од стоматолошка ординација Етадент-Охрид и волонтер при Црвен крст Охрид, пред учениците ги презентираше основите на оралното здравје.

Објаснет беше начинот на водење на оралната хигиена со техника на четкање на заби, зошто е важна посетата на стоматолог, кариесот и начинот на превенција, како и за здравата и нездрава исхрана. По презентацијата следеше дискусија со учениците и наставниците, каде децата прашуваа за користење на електрични четки, користење пасти на база на флуор, од кога до кога се менуваат забите, носење на помагала. Исто така, им беше објаснето што значат превентивните прегледи, вели Стојаноска Алоска.

На децата им беа посочени како дополнителна литература каде можат да прочитаат корисни совети и чекори за грижа за забите, двете брошури кои Д-р Стојаноска Алоска ги има издадено во 2014 година „Грижа за забите“ и во 2015 година „Насмевка без кариес“, во издание на Црвен крст, наменети за малите деца и нивните родители. Автор е и на книгата десет приказни за забите под наслов „Насмевка за петка“, која, исто така, им беше препорачана на децата за читање.

Заклучокот од оваа едукативна работилница беше дека има потреба од вакви едукации, бидејќи потребно е децата да добијат совети од стручни лица за одржување на оралното здравје и последиците од негрижата за забите, додава Стојаноска Алоска.

Работилницата беше реализирана во соработка на Црвен крст Охрид и Советот на родители при ООУ “Григор Прличев” Охрид.

Н.С.Ј.