Остеопорозата претставува еден од најголемите ризици за здравјето на жените во менопауза. На оваа модерна болест не е имун ни Охридскиот регион, каде што според медицинската евиденција од година во година се зголемува бројот на зеболени од оваа болест.

Лекарите велат дека за разлика од повеќето други заболувања, остеопорозата не покажува никакви најавни симптоми и нема никаков знак кој би предупредил на нејзината појава.

-Остеопорозата е заболување на организмот при кое настануваат нарушувања на метаболизмот на скелетот. Се намалува густината и квалитетот на коските, што доведува до слабост на скелетот и зголемен ризик од скршеници, особено на пршлените, колковите и подлактиците. Остеопорозата најмногу ги демне жените во трето доба, велат охридските ортопеди.

Тие препорачуваат дека за да се превенира појавувањето на оваа болест треба да се  внесуваат поголеми количества на витамин Д, да се одржува  нормална телесна тежина, да се практикува правилна исхрана и поголема физичка активност.

За откривање и дијагностицирање на оваа болест, жените во менопауза треба задолжително да направат испитување на густината на коските. Одредувањето на коскената густина се прави со дензитометрија, која според лекарите пожелно е да се направи еднаш на две години. 

И машката популација не е поштедена од остеопороза, но кај нив ова заболување  се јавува  најчесто  по 70-тата година од животот.

OhridNews