Професорот кој физички нападна ученик со метален предмет во средното училиште „Ибраим Темо“ во Струга доби осумдневен притвор. Основниот суд Струга го прифатил предлогот на ОЈО и му одредил мерка притвор во траење од осум дена на 57 годишниот професор по англиски јазик.
Како што соопштуваат од ОЈО Струга, поведена е постапка против 57 – годишен професор од Струга за кого постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело „насилство“.
Осомничениот на 23.12.2021 година околу 12:30 часот, со боксирач удрил во пределот на главата на оштетениот ученик на возраст од 18 години. Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Струга достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена, стои во соопштението на ОЈО.
Физичкиот напад, како што е наведено, следел по кратка вербална расправија на осомничениот професор со мајката на оштетениот ученик.
Инцидентот се случи вчера околу 13 часот и 30 минути, кога професорот Е.С. (57) со метален предмет го удрил средношколецот по главата. Детето било примено на одделението за Хирургија, а професорот беше приведен и ноќта бил задржан во полициска станица во Охрид, но потоа бил пуштен на слобода, по што учениците од гимназијата излегоа на мирен протест пред Основниот суд во Струга за да изразат незадоволство.
Протестот како што посочија учениците беше за да не се повтори случајот, а децата да се чувствуваат безбедно во училиштето.
Ги браниме нашите права, за случајот да не се повтори. Тука сме за професорот да го добие тоа што го заслужи, да добие притвор. Не се согласуваме да биде пуштен, судот да му додели притвор. Не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да се чувствуваме безбедно, рече Сара Кадриоска, ученичка во „Ибраим Темо“ во Струга.
Според директорката на училиштето Бесиме Јонузи расправијата помеѓу професорот и ученикот започнал уште пред три дена, а професорот е привремено суспендиран. Мотивот не е познат, но професорот предизвикувал проблеми години наназад. Како што изјави Јонузи вчера за медиумите, уште пред да се случи нападот на ученикот бил свикан состанок на дисциплинска комисија од каде произлегла одлука за суспендирање на професорот. Како што нагласи директорката известени се сите институции и преземени се сите законски мерки за случајот, и институциите ќе одлучат за враќање на работното место на професорот.
OhridNews














