Откажан протестот за начинот на кој се одвива акцијата за уривање на дивоградбите во Охрид, претходно најавен на социјалните мрежи од страна на огранокот на ДУИ во Охрид и нивните претставници. Информацијата дека протестот е откажан ја потврдија високи функционери на огранокот на ДУИ, кои велат дека јавноста дополнително ќе биде информирана за деталите.

Инаку, најавите за одржување на протестот од страна на претставници на ДУИ на социјалните мрежи осамнаа на 22-ри септември, кога беше изразено јавно негодување од начинот на кој се одвива акцијата за уривање на дивоградбите и беше изнесено мислење дека акцијата се спроведува селективно и дека наместо објектите кои се закана по статусот на Охрид во УНЕСКО се уриваат куќи и џамии.

Утрово, преку социјалните мрежи беше објавено дека протестот ќе се одржи утре пред општинската зграда со почеток во 10 часот. По објавување на веста од страна на медиумите, информацијата беше повлечена.

OhridNews