За почетоците на историјата на средновековната македонска медицина, многу малку се знае. Дури пред крајот на 19 век во скрипториумите на поголемите манастири на Македонија се препишуваат обемни зборници (лечебници), транскрибирани од духовници кои извонредно ја познавале народната медицина и византиската лекарска традиција, особено практикувана во Света гора атонска. Расветлувајки ја дамнешната традиција и сознанијата за историјата на тогашната македонска медицина, може слободно да кажеме дека цивилизациски  е најнапредна во однос на културниот дискурс на тогашните европски држави.

Свети Климент и Свети Наум, пред крајот на деветтиот век, во Охрид во рамките на Климентовиот универзитет, покрај богословските науки се предавал и семинариум по медицина. По Св.Климент,  Св. Наум (893) бил запознат со исклучиво богати медицински знаења и пракса, кои ги стекнал уште како ученик на тогаш во светот најпознатата научна институција, прочуената Магнаурска Школа во Цариград. Несомнено од тоа време Јован Егзарх  во неговото обемно дело “шестоднев”, за првпат во историјата на Македонија ги споменува поимите: “медицина” , “лекар”, “лекување”.

Според нашите сознанија,во комплексот на манастирот посветен на чиноначалниците  – Светите Архангели, што најверојатно  презвитерот Наум го изградил во самиот крај на 9. век  на западната страна бил изграден и посебен конак за лекување на секакви болни.

Според Д. Коцо академик, околу 15 или 16 век сосема е опустошен првобитниот Наумов манастир. Подоцна, како што е заведено во записите, поттикнати од богољубива побожност, мосхополјаните, во 1664 година го обновиле разурнатиот манастир, а тогаш изградена е и куполеста келија (гјавгири), што и сега делумно постои, дури и келии во долниот спрат на конакот, кој, како што укажува научната јавност, за жал сега е претворен во хотел, а над вратата на овој простор на македонски  бил надграден натписот “Болница” . Таму доаѓале да се лекуваат секакви болни не само од Македонија, туку и од Албанија, Црна Гора и Србија (од подоцно време постојат и записници за посетителите). Во народната традиција  се верува дури и сега дека гробот на светиот Наум има волшебна моќ и на празници и други денови, со дарови, од секаде доаѓаат немоќни да најдат спас за својата болест. Да кажеме и тоа дека не случајно во егзонартекстот на црквата Св.Софија, уШте во 14 век св. Наум е насликан заедно со светите бессребреници, лечителите Кузман и Дамјан.

Да го интерпретираме познатиот американски научник Хорес Лант дека можно  е сеуште да се најдат некои старински ракописи, заборавени и незабележани  од науката, во различни библиотеки. Секако во тој смисол, со задоволство може да објавиме, дека и покрај толку изминати времиња, сега пред  прославувањето на големиот празник на Преподобниот Наум Охридски –  чудотворец, проф.Наум Целакоски, поодамнешен истражувач на манастирскиот комплекс и  делото  на пресветиот чудотворец , откри  еден многу значаен ракопис -“Лечебник” што се употребувал при овој манастир, значаен не само за историјата на македонската медицина, туку и за светската.

Транскрипцијата на “Лечебникот” сврзана е со Атонските јатрикони, забележано од 1648 година со надополнувања до многу подоцнежно време. Лечебникот е од голем формат 2 + 80, поделен  во 6 поглавија и што е најзначајно поседува 178 препораки во вид на рецепти за лекување на секакви врсти болести, а не како што понекои мислеа дека овој свет манастир бил за лекување само на умноболни. Поконкретно за содржината на Лечебникот ќе објавиме во едно од наредните изданија на нашиот весник.

Да наведеме и тоа, дека во периодот на едноумието, запоставен е манастирот и одземени му се со декрет имотите, а преостанатите четириесеттина болни во камион пренесени се во тогашната Државна болница во Скопје .

Се надеваме дека, за време на големиот празник и оваа сабота и недела, традиционално многубројни мирјани, за здравје, среќа и благодет, со достоинство и  доблест и надеж ќе го посетат Свети Наумовиот манастир,  овој духовен центар, како што е наведено во записите – повеќе од 1100 години како крин светли во овие божествени простори, на југот од езерото.

OhridNews