Во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот, изјави потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, зборувајќи за барањата за признавање на македонските здруженија во Бугарија, при денешната посета на Охрид.

Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав, изјави Јотова.

Кога зборуваме за гаранции, тие не може да бидат усни. Пет години по потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не е направено. Така што, за нас, најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, изјави Јотова.

Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години. Прво, поставените услови за одредени текстови во учебниците од средно, кои треба да бидат дефинирани од Историската комисија меѓу двете земји и тие соодветно да бидат вметнати во учебниците. Второ, ние бараме отворање на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест и на трето место, тоа што за мене е исклучително важено, е скрнавењето на спомениците, изјави Јотова.

Тие се јасно напишани во шесте кластери. Во поглавјата кои треба да се отворат со ЕК и Извештаите за напредокот на земјата. Тоа е една процедура, што се движи по сосема различна линија, рече Јотова, зборувајќи за можноста Бугарија да го крене ветото поради војната во Украина и опасноста од прелевање и во регионот.
Изјавите на потпретседателката Јотова се по отворањето на Културно информативен центар „Балкански хоризонти“.
Таа утрово положи цвеќе пред спомен обележјето на 15-те бугарски туристи, кои загинаа во бродска несреќа во Охридското Езеро во 2009 година. Го посети и Дневниот центар за деца со аутизам во Охридската болница.
OhridNews





















