Ниската еколошка свест останува и понатаму проблем во справување со отпадот во градот. И покрај низата активности за подигнување на свеста, бројните еколошки акции, апели, сеуште сме сведоци на несоодветно депониран отпад.

За тоа говори уште една грда слика во центарот на градот. Оставени покуќнина и друг кабаст отпад на тротоарот во близина на Католичката црква. Деструктивниот однос на поединци остава последици на секој чекор, што говори и дека граѓаните тешко ги менуваат своите навики.

Дополнително, станува збор за фреквентна улица од каде минуваат и голем број туристи што влијае и врз впечатокот кој ќе го понесат со себе од туристичкиот Охрид.

Постојани се и апелите од ЈП „Охридски Комуналец“ за соодветно депонирање отпад со оглед дека во повеќе наврати, поготово кога станува збор за зелен и кабаст отпад истиот се депонира на несоодветни места. Граѓаните редовно и транспарентно се информираат за акциите за подигнување кабаст и зелен отпад согласно годишниот календар на претпријатието, а дополнително може и да се обратат до службите.

OhridNews