Корисници на социјална помош, лица кои подолго од 12 месеци се невработени и активно бараат работа и граѓани кои поради семејна несреќа или тешка болест не можат да си ги платат долговите, ќе имаат право да аплицираат за еднократниот отпис на долгови, а целата операција треба да заврши за два до три месеци, заклучно до септември, истакнува министерот за финансии Зоран Ставрески во интервју за весникот „Вечер“.

Министерот најавува дека овој проект ќе стартува веднаш по формирањето на новата Влада.

„Се обврзавме да ги отпишеме долговите кон банките, како и долговите за струја, за парно и радиодифузна такса направени до 31.12.2013. Во делот на долговите кон банките, се работи за долгови настанати по основ на кредитни картички, потрошувачки кредити и минусни салда на тековна, а кои не се платени повеќе од една година и не се обезбедени со движен или недвижен имот. Во делот на електричната енергија, правото на отпис се однесува на долгови кои не се подмирени повеќе од една година и за кои е покрената тужба. За достасаните обврски кои не се сервисирани во пократок рок од 12 месеци, ќе побараме од ЕВН да овозможи нивно повеќегодишно репрограмирање.“  – се наведува во интервјуто.

Според него, има неколку услови кои треба да се исполнат. Кај категоријата невработени, лицето треба да е евидентирано како активно невработено во Агенцијата за вработување повеќе од една година.

„Доколку станува збор за сопружници двајцата треба да се евидентирани како невработени и во претходната година да немаат остварено приход над 105.600 денари. Исто така, лицето не смее да поседува друг стан или куќа, освен онаа во која живее. Проектот ќе се реализира на тој начин што државата ќе ги ослободи ЕВН, банките и другите економски субјекти од плаќање данок, а тие ќе им ги отпишат долговите на социјално загрозените граѓани. Според тоа, трошокот ќе го понесе државата, но очекуваме и банките, ЕВН и другите економски субјекти да помогнат преку постигнување на добри услови за отпис на долговите. Откако ќе помине законот за отпис на долгови на Влада и на Собрание, граѓаните ќе можат да поднесат барање до институцијата која ќе ја назначиме за надлежна и доколку ги исполнуваат условите, долговите ќе им бидат отпишани. Би сакал да истакнам дека никој не треба да се грижи дека ќе биде изоставен. Владата ќе биде со граѓаните во текот на целиот процес, ќе им помагаме, ќе им се јавуваме на сите кои ги исполнуваат условите, се со цел секој што е опфатен со мерката да може да го оствари правото на отпис на долгот.“ –  вели Ставрески за Вечер.

„Вечер“