Длабоко во туристичкиот шпиц јавното комунално претпријатие по налог на Локалната самоуправа започна со расчистување на дивите депонии покрај магистралните патишта на влезовите и излезите од  Охрид, каде секојдневно поминуваат  голем број туристи. 
-Бидејќи надлежните служби за одржување на патиштата не се одзваа на апелите што во повеќе наврати ги упативме за средување на јавните површини околу магистралата Охрид – Скопје и на патниот правец Охрид – Св. Наум, на сопствен трошок решивме да го уредиме просторот. ЈП „Охридски Комуналец“  собра 20 метри кубни отпад расфрлан од аеродромот до влезот во Охрид, а ја искосивме и тревата која беше раширена речиси до коловозот, изјави Сашо Алчев, директор на „Комуналец“. 
Расчистувањето на дивите депнии  започна непосредно по најавата дека генералнииот секретар на ОН Бан Ки Мун ќе го посети Охрид идната недела, иако од „Комуналец“ велат дека целта на акцијата е да се елиминира грдата слика на приодите кон најголемиот туристички центар во земјава. 
-Многу ни е драго што Бан ки Мун ќе го посети нашиот град меѓутоа многу ни значи секој еден гостин и ќе се погрижиме секој еден  кој  доаѓа во Охрид да биде задоволен, додава Алчев.
Од Комуналец најавија дека иако тоа не е во нивна надлежност, до завршување на туристичката сезона ќе постават свои работници на магистралните патишта околу Охрид, кои ќе се грижат за хигиената и уреденоста на просторот, но и натаму останува отворено прашањето за одржување на јавните површини и плажите кои не се издадени под концесија, каде секојдневно никнуваат диви депонии. 
Акцијата за расчистување на дивите депонии денеска ќе продолжи во населбата Далјан.
OhridNews