Со концерт на македонскиот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, вчеравечер, на сцената Долни Сарај, започна 53- то издание на Балканскиот фестивал за народни песни и игри.

Бројните присутни гости ги поздрави претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски, како и градоначалникот Никола Бакрачески кој на учесниците на фестивалот им посака успешни фолклорни настапи и пријатен престој во Охрид, а на публиката прекрасни моменти и уживање во играта на  ансамблите .

Охрид, деновиве ќе сјае во колоритот на носиите  и ќе не разгалува со песната и играта на многу народи, во чија основа е фолклорот како темел на специфичните култури и националните идентитети.Тоа е  амбиент во кој се растреперуваат срцата и се будат сите човекови сетила, амбиент кој обединува и ја  афирмира општоцивилизациската придобивка на создавање единство на различностите. Ова, 53-то  издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри ќе биде забележано и по тоа што  се одржува на неговата матична,  реконструирана летна сцена „Долни Сарај“ . Со помош на Министерството за култура  изградена е оваа покриена сцена, а сите Вие, при доаѓањето видовте како е уреден влезот на овој простор. Со средства на Локалната самоуправа, јавните претпријатија го исчистија просторот, се поставија ивичници и бехатон плочки, изграден е нов влез и целиот простор хортикултурно е уреден.Велат, уште од далеку се гледа дека стариот „Долни Сарај“ сега има ново руво. Тоа е нашата цел. Да го споиме старото со новото, да ги споиме милениумското  културно и природно наследство и сегашноста, рече Бакрачески.

Најстарата фолклорна манифестација на Балканот ќе трае до 11-ти јули. Ќе настап голем број ансамбли од Хрватска, Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Грција, Австралија, Полска и Турција.

OhridNews