Во Охрид денеска свечено беше отворен Првиот оперативен и тренинг центар на спасувачката служба на Црвениот крст за интервенции на планина и непристапни терени, кој ќе делува трансгранично. Лоциран е во хангарот на Црвениот крст кај автобуската станица. Тој е дел од проектот „Регион Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од ИПА фондовите.

Не е целта само да привлекување туристи, туку и да обезбедиме нивна заштита. За поздравување е што една од компонентите на овој проект се отвора тука, тоа е за безбедност на лицата кои доаѓаат тука за планинарски туризам. Нив во случај на потреба ќе им помагаат обучени професионалци. – изјави министерот за локална самоуправа Горан Милески.

Ова треба да биде модел на соработка помеѓу двете земји, бидејќи е во интерес како на луѓето, така и на туристите од двете страни на границата. – истакна Самуел Жбогар – амбасадор на ЕУ во нашата земја.

На отворањето на Центарот присуствуваа и аммасадорот на ЕУ во Албанија Луиџи Сорека и градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, кој ја истакна важноста на проектот за безбедноста на туристите.

Сакам да оддадам почит на прекрасната и ентузијастичка екипа на Црвениот крст Охрид, за целокупниот пристап целиот регион да биде безбедна дестинација. Ние како локална самоуправа секогаш ќе сме тука да ги промовираме овие активности. – истакна градоначалникот Георгиески.

Центарот за спасување на планина и непристапни терени во Охрид ќе го опслужуваат 15 професионално обучени спасители кои располагаат со комплетна опрема за делување во летни услови, а наскоро ќе бидат опремени и со опрема за зимски услови, во рамки на втората компонента од проектот. Дел од спасителите учествуваа во вчерашната акција за извлекување на повредената параглајдеристка од Украина која падна на падините на Галичица, на албанска територија. Ова за нив беше 6 интервенција од почетокот на летото, колку што севкупвно имале цела мината година.

Вчерашната акција беше пролонгирана неколку часа поради чекање на потребните меѓудржавни одобренија за интервенција на спасувачките екипи на територија на друга држава што го отвора прашањето за поедноставување на процедурите, на што во иднина заеднички ќе работат Македонија и Албанија.

Ќе формираме координативно тело кое ќе работи на поедноставување на процедурите да можеме ние да интервенираме на албанска територија доколку е потребно. – изјави Антонио Додевски од Центарот за спасување на планина и непристапни терени при Црвен Крст Охрид.

Во рамки на проектот чија вкупна вредност е 415 000 евра, во Поградец ќе биде отворен центар за спасување на вода. Двата центри ќе ги опслужуваат 80 професионално обучени спасувачи.

Фото галерија:

Г.М.
Фото: А. Момироска