Со свечена церемонија во Галеријата „Ѓорѓија Целески“ во Белчишта синоќа беше отворено 41. издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, најстарата ликовна колонија во Македонија, која повеќе од четири децении претставува едно од најзначајните собиралишта на домашни и странски уметници.

Годинашното издание се одржува под мотото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, тема која ја истражува врската меѓу културното наследство и современите технолошки предизвици, испраќајќи порака дека иднината се гради врз темелите на минатото.

Поздравувајќи ги присутните, претседателката на Здружението „Ликовна колонија – Дебрца“ Мартина Целеска истакна дека Дебрца одамна ја надмина рамката на обична уметничка колонија и прерасна во духовен и културен простор каде се создаваат не само уметнички дела, туку и трајни врски меѓу луѓето, културите и генерациите.

Во време кога технологијата го менува светот со невидена брзина, уметноста останува мостот што ги поврзува човечката меморија и човечката визија. Задачата на современиот уметник не е само да го набљудува времето во кое живее, туку и да му даде смисла, истакна Целеска, нагласувајќи дека колонијата успешно ги обединува традицијата и иновацијата, искуството и младоста, локалното и универзалното.

Таа потсети дека низ колонијата, основана во 1985 година од маестро Ѓорѓија Целески, поминале стотици автори од Македонија и светот, а галеријата што го носи името на основачот „Ѓорѓија Целески“ денес располага со повеќе од 700 уметнички дела, што претставува едно од најбогатите ликовни наследства во земјата.

Четири децении и една година плус ова место е инспирација и светол пример како уметноста ги спојува луѓето, културите и времињата, рече градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски.

Во оваа пригода посебно сакам да ги поздравам домашните и странски ликовни уметници кои се срцето на оваа колонија. Ви благодариме што го носите вашиот талент, уметност и култура во Белчишта правејќи го ова место вистински космополитски центар на уметноста, рече Сиљаноски.

Оваа година уметничкото семејство на колонијата „Дебрца“ е зголемено за повеќе нови учесници.

Го поздравувам новиот бран на креативна енергија, нови идеи и нови светогледи кои ќе се преточат на платната во деновите кои следат, додаде градоначалникот Сиљаноски.

Претседателот на Уметничката колонија „Дебрца“, Павел Попоски, истакна дека деновиве Дебрца повторно е центар на уметноста.

Да се опстои 41 година е голем успех, а тоа е плод на голема работа, труд, но пред се љубов кон уметноста, рече Попоски.

Свеченото отворање на 41. Интернационална уметничка колонија „Дебрца“ беше збогатено со пригодна културно-уметничка програма во која настапија младата гитаристка Георгина Јанкоска, ученичка во ДСУМ „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Струга, фолклорниот ансамбл „Св. Петар и Павле“ од Мешеишта и познатиот гајдаџија Целе Блажески.

Годинава на колонијата учествуваат автори од Македонија, Србија, Словачка и Велика Британија, меѓу кои и почесниот гостин, академскиот ликовен уметник Јордан Манасиески, долгогодишен учесник и еден од најзначајните современи македонски ликовни автори. Меѓу учесниците се и Зсужана Ардо од Лондон, Наталија Студенкова од Словачка, Дуња Корломановиќ од Србија, како и Славица Танеска, Лидија Вујишиќ, Филип Јовески, Вангел Крстиноски, Михаил Клечкароски, Мелани Тасеска и најмладиот учесник Михаил Велјаноски.

 

Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ и годинава ќе биде место на творештво, размена на идеи и културен дијалог, продолжувајќи ја визијата на својот основач и традицијата која повеќе од четири децении го афирмира македонското ликовно творештво и го поврзува со светската уметничка сцена.

Фото галерија: 

Отворена 41. Интернационална ликовна колонија „Дебрца“

Г.М.
Фото: А. Момироска