Многу ме радуваТ она што се случува кај ‘Касарната’. Инклузивна приказна во која дел можат да бидат сите генерации и различности. Свежа стратегија во поранешните канцеларии на воените капетани и војничките спални. Во денешно време, меѓу тие ѕидови има старт-ап центар Касарна Хаб: место за човечки и технолошки предизвици, нови фаци, нов речник, друга енергија, нови сериозни насоки, вкусни коктели и дискусии околу актуелни локални и светски теми.

Среќен сум дека тука е се подалеку од стандардните политички, предвидливи реторики. Да, тука има општински инвестиции и сигурно странски невладини пари, ама стварно е супер за цел Охрид. Секој еден денар, секое евро или долар вредиТ тридупло. Мора и за ова да има место, нова надеж во градот. Посебно за младите кои заминуваат масовно надвор од државата. Приказната се уште е во развојна фаза, ама нема повеќе ползење, туку летање во Охрид, кај Касарната!

Кога им кажував порано на луѓе дека живеам во близина на Касарната, добивав некогаш пријатни, некогаш непријатни коментари од типот уџум, не си до езеро, далеку од историјата, културата, уметноста, ривиерата, туризмот, чаршијата… Не сме сите во можност да живееме покрај езеро или во стариот „елитен“ град. Но после преместувањето на автобуската и ние станавме некако по впечатливи. Постојме. Само да нема повеќе ментално малтретирање и бучни техно журки.

Изминативе месеци гледам и читам за позитивни случки во Касарната. Овој простор можеби е последното зачувано богато зелено градско подрачје, каде што има можности за тематски проекти, интерактивни идеи и трендови. Отворена шанса за иновации и основни граѓански потреби. Касарната треба да биде заштитен простор. Да им се даде шанса на нови архитектонски визионери. Ова исто важи и за ‘Градинар’, и таму има голема градежна кошница за сладок мед.

Касарната да е место за креирање модерна животна средина, со можности за секого, без разлика од која социјална скала доаѓаш. Да се направат спортски и здравствен центар, театар, старечки дом, училиште или факултет и да има интегриран мал бизниз сектор. Како во светски познати  градови. Таму комплетни пропаднати или напуштени индустриски зони и фабрики се реконструираат во инспиративни зони, каде е зачуван поранешниот идентитет. Мешавина од содржини, од простор за живеење, едукација, работа, креативност, галерии за уметници, рекреација… до научно – истражувачки развојни центри за вештачка интелигенција и ИТ технологии. Прво да се средаТ 1000 други (по)важни работи во Охрид. Ама не е забрането да имаме визија за нашиот посебен Охрид.

Пред една недела имаше инфо сесија во Старт-ап центарот Касарна Хаб: “Со дигитална трансформација до иновација“. Наменета за мали и средни претпријатија од земјоделско – прехрабениот и туристичкиот сектор. Целта е да се овозможи зголемување на иновативноста и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат до дигитална трансформација во нивното работење.

Сакам уште долго време да си купувам автентично на улица домати од под дрво, кај чичковци и тетки. Или и јас да тргнам по нов пат. Да регистрирам и отворам нешто уникатно во Охрид, во врска со можеби најпознатиот македонски деликатес – доматот. Дигитален доматобар, нарачки за се околу домати. Супи, сокови, салати, сладолед, сендвичи, торти, колачи, плескавици, се направено од црвеното македонско злато. Домати од Томатодонија: фенси, здраво, природно, чисто, евтино, веган, домашно. Охридско. Стартап-от ќе ми е обавезно сместен во Касарната, во наша мала.

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите