Ерозијата на вредности што повеќе од три децении се случува во целокупното општество, создавајќи огромни проблеми кои немилосрдно го разградуваат системот, не ги одмина ниту медиумите. Во првите години од плурализмот телевизии и радија никнуваа како печурки. Без критериуми, услови, концепт, регулација. Во станови, гаражи, шупи, исто како и маалските гранапчиња и сокарници. Се (зло)употребуваа грантови, странски донации, буџетски средства… Се емитуваа пиратски филмови од видеотеки, дури и порнографија, која неретко знаеше да заврши во етер во термин кога целото семејство е пред Тв. Се правеа медиумски производи за сендвич, ручек, по некоја софра, а после во игра влегоа и пари.

Дури откако се регулираше пазарот, се воведоа лиценци и какви такви правила на игра, работите почнаа делумно да се средуваат. Се појавија сериозни редакции во печетените и електронски медиуми, новинари на кои им се верува. Сепак речиси никој не водеше сметка како се финансираат медиумите, од кои извори, дали, како и колку се плаќаа вработените, кој пие, а кој плаќа. А се плаќаше дебело.

Бизнис заедницата го одврзуваше ќесето, а партиите не прашуваа за цена, особено за време на избори. Без никаква контрола. Кеш на сите страни. Не можеше емисија да почне акo не платеше претходно. Сопственици на медиуми станаа исклучително моќни, додека вработените беа безмилосно експлоатирани. Особено во медиумите во внатрешноста, каде плати се делеa на рака, без платени придонеси и даноци, без осигурување. Истото, во одредена мера, се случуваше и со дописниците. Некои од нив ден денес останаа хонорарци.

Првата деценија од новиот милениум предизвика тектонски потреси на медиумската сцена. Партиите се поистоветија со државата, а таа истураше милиони во одбрани медиумски куќи кои водеа пропаганда невидена до тогаш. Неистомислениците беа доведени на раб, без средства за егзистенција. Почнаа да се гасат весници, радиа, телевизии. Контролата ја имаше Големиот брат.

Во една таква консталација на светот му се случија Google и Facebook, a во медиумскиот простор кај нас се појавија интернет порталите кои брзо го зазаедоа своето место во медиумскиот простор. И повторно се случи експлозија. За само неколку години бројот на портали кај нас нарасна на неколку стотици. И повторно истата грешка. Онлајн просторот кон кој се свртеа креативните професионалци брзо се контаминира.

Се појавија портали без регистрација на домеин во земјата, без редакција, импресум (се уште има такви), без новинари и медиумски работници. Замав зеде медиумскиот рекет, а просторот го освоија „медиумски работници“ со сомнителен бекграунд и уште по сомнително финансирање. Повторно исти проблеми, недефинирано финансирање, без правила на игра. Јавен линч на луѓе, компании, јавни личности, политички опоненти и секако новинари и медиумски работници. Се по список/тарифа.

Партиите, пак, отидоа чекор понатаму. Си направија свои портали во кои на разни начини се истураат огромни пари, особено за време на избори.

Било поминало, ќе рече некој. Не. Ниту поминало, ниту завршила корупцијата во медиумите која го урива имиџот на некогаш моќната професија, чија задача е да биде коректор на состојбите во општеството. Но, за да бидеме огледало на општеството, најпрвин мора да погледнеме во ретровизор.

Медиумскиот еснаф се реши против овие аномалии да се бори преку систем на медиумска саморегулација и професионализација на онлајн медиумите. Тој процес нема да биде ниту лесен, ниту едноставен, а најмалку брз. Но друг пат нема. Мора да се создадат јасни правила на игра, да се направи јасна динстинкција помеѓу професионалните и непрофесионални портали, да се дефинира нивниот статус, кој се може да поседува портал, да се заострат критериумите според кои одреден онлајн медиум ќе биде на листата на професионални медиуми и да се изнајде начин за финансиска поддршка на медиумите во целост, особено на тие во внатрешноста кои се на раб на егзистенција.

При тоа мора да се води сметка кому, за која цел и според кои критериуми ќе се доделуваат средства, затоа што тие мора да бидат оправдани, да поттикнуваат создавање квалитетен медиумски производ и истражувачко новинарство. Затоа пред да го направиме првиот чекор мораме да погледнеме во ретровизор, за да не ги повториме истите грешки кои придонесоа медиумите да се соочат со проблеми кои ја поттикнуваат корупцијата.

Корупцијата како проблем е метастазирана во нашето општество, медиумите не се исклучок, затоа од време на време треба да се погледне назад, да се извлечат поуки, да се изгради вредносен систем, за да се тргне напред.

Горан Момироски
Основач и главен уредник на порталот ohridnews.com

Oвој новинарски текст/новинарска сторија е подготвен од авторот Горан Момироски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој новинарски текст/новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.