Цената на станбените објекти во Охрид останува иста, но побарувачката за нив е намалена, велат во агенциите за недвижности.

„Кризата си го направи своето. Намален е бројот на купувачи на станови, а уште помал е бројот на оние кои се заинтересирани за скапи недвижности“, вели сопственик на една реномирана охридска агенција за недвижности.

Цената на метар квадратен станбен простор во Охрид се движи од 500 до 1 500 евра во зависност од местоположбата и градбата.

Ако се работи за станбени објекти во населбата Далјан или на други пооддалечени места од строгиот центар се движи од 500 до 600 евра за метар квадратен. Тука, се разбира, велат од агенциите, улога игра и присуството на лифт и староста на градбата.

Колку повеќе се приближувате кон центарот расте цената на недвижностите. Во најстрогиот центар со одлична местоположба и поглед кон езерото, таа достигнува и до 1 500 евра за квадратен метар.

Агенциите за недвижности се загрижени од ваквата состојба која е актуелна не само во Македонија, туку и во регионот. Трговците со станови велат дека и заострувањето на кредитната политика има силно влијание врз купопродажбата.

Ohridnews