Корисници од повеќе земји утрово пријавуваат проблеми со пристапот до Фејсбук, како преку мобилната апликација, така и преку веб-страницата.

Според сервисот „Downdetector“, регистрирани се илјадници пријави за неуспешно најавување, бавно или недостапно вчитување на содржините, како и проблеми со објавување фотографии и видеа и со испраќање пораки преку Messenger. Дел од корисниците добиваат известување дека нивната сметка моментално не е достапна поради проблем со страницата.
За прекинот пренесува хрватскиот портал „Index.hr.“ Компанијата „Мета“ засега нема објавено официјално соопштение за причината за проблемите, ниту рок за целосно нормализирање на услугата. Нејзината статусна страница за деловните сервиси во моментот не прикажува познати проблеми.













