По изминати 11 години билатерална заштита на Охридското езеро, реализираните активности и резултатите од направеното може да се сведат на три клучни работи кои треба јасно да се дефинираат, вели Дејан Паноски од  Билатерален секретаријат за Охридското Езеро , при Министерството за животна средина.

Прво, дека основата на целата оваа заштита на Охридското Езеро е подигнувањето на јавната свест, што го ценам како реален, позитивен исчекор во заштитата. Сепак не успеваме да зачекориме  во доменот на индивидуалната свест. Под тоа подразбирам засилена  казнена политика и стопирање на индивидуални интереси кои го загрозуваат езерото и целокупниот слив. Второ, е аспектот на инфраструктурата и инвестициските мерки во  заштита, каде многу е инвестирано во колекторскиот систем, пумпни станици и во водоводни и канализациски мрежи во сливот, но се уште не успеавме да направиме сериозен исчекор околу поимањето дека животната средина треба да биде економски инструмент, дека таа треба да се стави во функција и на заштита, но и на економски бенефит за граѓаните, најмногу во овој регион во сферата на еко-туризмот, нагласува Паноски.

Како трет момент, кој се однесува на изминатите 11 години,  Паноски го наведува големиот број политички и легислативни мерки како што се: заеднички договор, студија, акционен план и нова законска регулатива. – Не успеавме тоа целосно да се стави во имплементација, односно не успеавме на животната средина и на Охридското Езеро да им дадеме највисок приоритет во политиките на државите и да изградиме мулти-институционален стратешки пристап кон заштитата. Екологијата сеуште ни стои пониско на политичката агендите на државите, и од тука произлегуваат главните недостатоци во справувањето со проблемите на управувањето, вели Паноски.

OhridNews