Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање на 20 ти јануари во Брисел , како претставник на Република Македонија , ќе учествува на состанокот организиран од Директоратот за животна средина на Европската Комисија на тема Адаптација кон климатските промени. Состанокот има за цел да се поддржат земјите во напорите за справување со климатските промени,  да се информираат за прогресот во развивањето на европската стратегија и да се разгледа процесот на адаптација во контекст на земјоделските политики и заштитата на природата и биодиверзитетот.

– Климатските промени се една од најголемите закани за еколошкиот, социјалниот и економскиот напредок во глобални рамки. Затоа првиот приоритет на ЕУ е брзо намалување на продукцијата на емисиите на јаглерод и паралелно со тоа адапатација кон влијанијата од климатските промени и нивно минимизирање. Во тој контекст адаптацијата всушност значи превземање на конкретни акции за да се излезе накрај со промените во климата, изјави Пановски непосредно пред заминувањето за Брисел.

Тој посочи дека примери на акции претставуваат – економичната употреба на водата , усвојување на критериуми за градба , изградба на штитници од поплави , редукција на стакленичките гасови , адаптирање на уличното осветлување и тн.

– Адаптацијата бара склоп на мерки на национално и локално ниво . На национално ниво се потребни акции за подобрување на менаџментот со кризи и развивање на стратегии за адаптација. Но исклучително се важни акциите на локално ниво  и тука  одговорот треба да се бара во квалитетно урбано планирање и градење  во кое треба да се имаат во предвид ризиците од природни причини, пожари, поплави, како и дополнителните потреби од електрично снабдување покрај  во зима така и во се поизвесните долги, жешки и суви лета, вели Пановски.

Според проценките регионот на Југоисточна Европа најмногу  ќе биде на удар на сушата. Проценките предвидуваат намалување на дождовите до 40% а температурите за 50тина години просечно би биле повисоки за 4 до 5 степени.

– Климатските промени како тема веќе се на врвот на приоритетите и заради нивно влијание врз водените ресурси, природните акумулации но и поради нивното влијание во економскиот дел посебно влијанието врз земјоделието, енергетските потенцијали но и туризмот како се поважна економска гранка . Тука Република Македонија посебно стратешки се позиционира,  треба да ги превземе мерките за  адаптација и  да ги искористи можностите за поддршка од земјите членки на ЕУ, смета Пановски.

Ohridnews