На отворениот ден што се одржа денеска во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ беа презентирани компаниите „ Костал“, „ЛТХ – Лерница“ и „ОДВ- Електрик“ како потенцијални фирми во кои идните кадри од овој образовен центар ќе можат да се вработат, професионално да се реализираат и усовршуваат. На настанот присуствуваа и претставници на советот на општина Охрид, Сашо Ставрески, Елеонора Куноска и Рената Арнаудова.

Во рамки на настанот беше промовирана пилот паралелката „Техничар за индустриска мехатроника“.

– Се работи за паралелка со дуално образование, која ќе стартува од септември учебната 2018/19 година и ќе брои 24 ученици. Учениците ќе учат по германски образовен систем односно 40 % од наставата ќе се одвива во компаниите партнери, „Костал“, „ОДВ – Електрик“ и „ЛТХ – Лерница“, а 60 % од наставата ќе биде теоретска и ќе се реализира во нашето училиште – изјави директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески.

На презентацијата беа присутни и претставници од делегацијата на Германското стопанство во Македонија кои се координатори на проектот.

OhridNews