Просторот наспроти Центарот за обука на вода, непосредно до патеката која води кон плажата „Куба Либре“, а кој од неодамна се користи како паркинг, во текот на оваа недела ќе биде уреден, информираат од ЈП „Билјанини извори“. Оттаму појаснуваат дека паркингот за кој граѓаните реагираат дека не е соодветно уреден, е легален паркинг на претпријатието, кој изминатите шест години му бил доделуван на претпријатието во повеќе наврати од страна на Советот на Општина Охрид, но со години истиот не е ставен ни во владение, ни во функција.

-Паркингот почнувајќи од следната работна седмица , ќе биде ограден и уреден со тампон, а причините заради кои не се стартува до овој момент со тоа повторно се провлекуваат години наназад, кога никој катастарски не го означил паркингот, не го означил земјиштето на АРМ и не склучил договор со армијата за да се формира една целина која ќе биде паркинг. Без да навлегуваме во причините за повеќегодишното не ставање во владение на овој паркинг или во интересите истиот константно да се оцрнува во јавноста, дополнително Ве информираме дека ЈП Билјанини Извори оваа година стави вкупно четири паркинзи во свое владение и дека праксата паркинзите по плажите да стојат слободни, во интерес на концесионерите, а на штета на граѓаните еднаш за секогаш е прекината и повеќе нема да ја има.-стои во соопштението на ЈП „Билјанини извори“.

Од јавното претпријатие уште додаваат дека, паркингот за кој пишуваат медиумите е еден од тие четири паркинзи, кои во летните месеци треба да донесат значајни средства во презадолженото претпријатие кое се бори да ги плати милионските долгови кон многубројни доверители.

OhridNews