Паркинзите кај Света Софија, на „Илинденска“ и Сараиште денес со Одлука на Совет на одржаната 12. Седница се отстапени на ЈП „Билјанини Извори“. Целта како што беше посочено на седницата е да се воведе ред во сообраќајот, но и да им се излезе во пресрет на жителите од овој дел од градот, па за нив паркингот ќе биде бесплатен.

Раководителот на Секторот за комунални дејности и сообраќај Тони Иваноски, истакна дека со ставање во функција на паркинг просторот којшто е наведен во одлуката ќе се овозможи намалување на сообраќајната фреквенција во овој дел од градот и понепречено движење на возилата.

Мислам дека со регулирање на паркинзите од страна на јавното претпријатие би добиле непотребно да се отстранат сите оние паркирања коишто сметаат во сообраќајот и ја загрозуваат безбедноста на пешаците и сообраќајот воопшто во тој дел. Со оваа одлука ќе се подобри и паркирање на резидентното население во тој дел од градот. Со цел да биде одлуката целосна, предлагам после член 1 да се додаде нов член 2, во кој Советот дефинитивно ќе ја дефинира и оваа одлука без да остави простор на јавното претпријатие да носи одлука на управниот одбор за бесплатно давање на користење на паркинг просторите за резидентното население. Односно, после член 1 предлагам да се додаде член 2 кој гласи: „Се задолжува јавното претпријатие „Билјанини Извори“ на резидентните жители од наведените улици кои располагаат со уредна документација за жителство во овој дел од градот и уреден доказ за сопственост на возило, да им овозможи паркирање без надоместок“, посочи Иваноски.

Советникот од опозицијата Ванчо Костоски истакна дека нов момент во одлуката е делот за бесплатно пракирање на жителите од овој дел, изразувајќи сомнеж во поглед на воспоставување ред со тоа што ќе се отстапи просторот на ЈП „Билјанини Извори“, додавајќи дека ако за населението коешто живее таму ќе е бесплатно, за другите нема да е.

Меѓутоа, знаете што значи бесплатното паркирање по цела улица „Илинденска“ бидејќи нема никој паркинг во своите домови, знаете каква е ситуацијата таму, на оние два паркинзи кај Сараиште и Света Софија, ако населението само таму има право да паркира бесплатно, тогаш нон-стоп ќе има паркирани коли. Не ќе може ниту една друга кола да најде соодветен паркинг. А за ова дека треба да оставиме на самиот управен одбор на ЈП „Билјанини Извори“ да решава, не се сложувам со тоа, бидејќи тоа се ингеренции на Советот. И треба да се донесе овде таква одлука, додаде Костоски.

Советничката од опозицијата Лидија Неданоска упати прашање во однос на рампите за влез во стариот дел на градот.

Право на влез на тие рампи со картички веќе имаат мештаните, односно жителите на Стар Град. Па сега се прашувам кој ќе може да влезе преку тие рампи, како ќе им се отвора за да се паркираат по „Илинденска“, „Коста Абраш“ и Сараиште итн. Мислам малку е нејасно, додаде Неданоска.

Иваноски истакна дека рампите го регулираат влезот во тој дел од градот, но не и паркирањето, посочувајќи дека добро е познато дека на рампите имаат право да поминат таксистите, доставувачи на роба по соодветните делови и објекти коишто се во стариот дел, времено имаат право да поминат и туристи да се сместат во објектот.

Меѓутоа, се ова за жал се злоупотребува. Право имаат да поминат и оние што работат во објектите, меѓутоа наместо да го остават своето возило по доаѓање на работното место, со саати или со денови го оставаат на паркинзите коишто реално им припаѓаат на жителите од тој град. ​Значи целта на оваа одлука ни е токму паркинзите да бидат без надоместок на сите оние коишто се резидентно население, оние коишто ќе го злоупотребат, на пример ако доставувачот на роба достави роба до некој дуќан и си оди долу на Сараиште цел ден на плажа, возилото го остави на паркингот, треба да си плати. Слична е со сликата и со вработените. ​Вакви ситуации се забележани премногу. Дека решението кое е предложено е идеално, не е идеално. Секоја година бараме нови решенија и се надевам дека во тој дел од градот паркирањето ќе се подобри.

Додаде дека има ситуации каде што нема обележани паркинг места и токму затоа настојуваат да им ги дадат на јавното претпријатие „Билјанини Извори“, со цел да се избегнат и паркирање на места каде што претставуваат опасност за движење на пешаците и опасност за фреквенција на возила кои во одредени моменти би требало да бидат присутни таму, односно на пожарна, брза помош, полиција итн.

​Има толку да речам несовесни паркирање на тие улици на необележан простор, што во одредени моменти имаме повици од полиција за отстранување на тие возила заради реакција на токму овие возила коишто пред малку ги напоменав. Мислам дека населението од тој дел на градот со оваа одлука ќе има позитивни бенефити, дека делумно ќе се регулира паркирањето во тој дел од градот. Ова решение нека претставува чекор во решавање на проблемите во тој дел од градот, додаде Иваноски.

Н.С.Ј.