Форумот на жени на СДСМ Дебрца оваа година наместо цвеќе, до жените испрати порака во која се нагласува дека нивната безбедност и рамноправноста е смее и не треба да биде прашање во денешното општество.

Човештвото се соочува со досега невиден проблем и сега е моментот да се обединиме и издигнеме над поделбите и да го имплементираме она што го пропагира не само феминистичкото движење, туку и самата социјалдемократија. Тоа се еднаквост во политичка, економска и социјална смисла, но пред се еднакви можности за сите. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ова го препознава и токму затоа со статутарни измени ја загарантира застапеноста од 50-50 % на сите нивоа на партијата. Но нашата борба не завршува тука, таа ќе заврши во оној момент кога квоти повеќе нема да бидат потребни! –  стои во осмомартовската порака на претседателката на Форумот на жени на ОО СДСМ Дебрца, Ана Аврамоска.

Честитка по повод 8 Март упати и ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

Жената грее со својата љубов и нејзината верба е искрена надеж за човештвото. Жените се вистински херои во ова време на пандемија затоа што цврсто стојат во првите редови на кризата со КОВИД-19. Потребно е да се стави крај на сите форми на насилство врз жените и да се обезбеди нивно рамноправно учество во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот. Силни жени за силна Македонија!- стои во честитката на ВМРО ДПМНЕ ОК Охрид.

8 Март е  празник кој ја отсликува женската храброст, борбата на жената во остварување на своите економски, социјални и политички права, велат од партија Левица која на симболичен начин со оригами – цветни фигури од хартија, рачно изработени со традиционална јапонска техника, го честита празникот на жената, со поттик, како што стои во соопштението за јавност, да се изборат за нивното место во работничката класа

Ова не е ден на скапи поадароци, ни ден за скапи боржујски забави. Ова е ден кога жената работничка треба гордо да ја исправи главата, силно да ја стисне својата тупаница и громогласно да извика:
СТОП! – за жестоката и немилосрдна експлоатација од страна на газдите капиталисти;

СТОП! – за социјалната неправда и социјалната нееднаквост;

СТОП! – за секаков вид дискриминација и насилство;

Нашето ,,Стоп” мора силно да се слушне. Тоа е крикот на жената работничка, тоа е крикот за правда! – велат од Левица.

OhridNews