Опозицискиот СДСМ, потпретседателката Радмила Шеќеринска, челникот Зоран Заев, и портпаролот Петре Шилегов, стојат зад организација на насилниот напад врз македонските полицајци, а на сите граѓани им е јасно кој напаѓаше и се однесуваше вандалски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на претходната изјавата од средата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, ден по ноќните безредија пред зградата на Владата, пренесува „Макфакс“.

„Додека нивните фамилии се луксузираат по светските џет-сет центри, тие овде ги тераат и насочуваат граѓаните во конфликт. Снимките и сликите од вчерашниот напад врз полицајците на кои се гледа дека активистите на СДСМ напаѓаат со шипки, камења и бехатон плочки, се гледа дека го кинат македонското знаме, се на очигледно задоволство на Шилегов и СДСМ. Впрочем Шеќеринска тоа вчера од лице место го следеше и координираше. Неколкумесечните најави дека СДСМ спрема граѓански конфликт денеска е јасно дека биле вистина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев и Шеќеринска во својата желба за власт се подготвени на сé. Колку и да лажат веќе сé е јасно. Заев спроведува сценарио за целосна дестабилизација на Македонија. Граѓаните го гледаат тоа и ќе знаат да го казнат. Она што граѓаните го гледаа како план на Верушевски во неговите интернет комуникации, вчера се случи и на дело. СДСМ сака да креира граѓански конфликт“, се истакнува во писмената реакција на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани да не подлегнуваат на какви и да се провокации. „СДСМ сака да креира состојба во која за насилството што тие го прават на очиглед на сите ќе ги обвинат другите. Тие маваа со камења по полицајците, другите биле криви, членовите на СДСМ маваа со бехатон плочки, другите биле криви, тие маваа со шипки по полицајците и пак другите биле криви. Тие, активистите на СДСМ го кинеа македонското знаме и пак другите им се криви“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонскиот народ и македонските граѓани не се од вчера и ќе знаат со мудрост и разум да се спротистават на оваа луда и забегана група на луѓе во врвот на СДСМ. Граѓаните на Македонија нема да дозволат да бидат кукли во сцените на Заев“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократскиот сојуз најостро ја осуди, како што рекоа, нарачаната бруталност и пречекорување на овластувањата на полициските структури на Никола Груевски и Сашо Мијалков врз граѓаните на Република Македонија, не само пред владата, туку и низ улиците на главниот град, тврдат од најголемата опозициска партија.

„Беше очигледно дека неколку минути пред 22:00 часот, власта ги собра полициските и параполициските структури пред зградата на владата и испровоцира судир со граѓаните. Сé уште не се знае бројот на претепани, повредени и приведени граѓани. Полициските структури, по нарачка на Груевски, тепаа млади, студенти, жени, недолжни граѓани. Приведени беа дури и граѓани коишто мирно седеа на улиците со кренати раце“, рече портпаролот Петре Шилегов.

Според нив, со наредбата да се употреби сила врз народот, на протест на којшто граѓаните искажаа револт против „криењето на убиството“ на Мартин Нешковски, Груевски „по вторпат се обидел да ја убие“ вистината за овој случај.

„Целосната одговорност за безмилосното тепање на граѓаните е кај Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и нивните извршители во структурите на МВР. Никола Груевски избра како ќе си замине. Со вчерашната брутална полициска акција Никола Груевски го избра патот на тепање на сопствените граѓани, по примерот на диктаторите како Милошевиќ, Чаушеску, Лукашенко“, додаде Шилегов.

За обвинувањата дека СДСМ ги организирал вчерашните протести, Шилегов рече дека Социјалдемократскиот сојуз јавно и транспарентно го најави датумот за кога ќе се јави како еден од организаторите или главен организатор на општограѓанскиот собир, односно на 17-ти мај.

„Меѓутоа ние сме, пред сé, граѓани на оваа држава а после политичари. И како граѓани присуствуваме на секој еден граѓански собир којшто изразува незадоволство од начинот на владеење на криминалната власт на Никола Груевски. За нас е и чест и задоволство да бидеме заедно со граѓаните на таквите протести“, рече Шилегов, кој негираше дека постоеле списоци по општинските организации кој да дојде на протестот.

За тоа дека Радмила Шекеринска координирала што да се случува на протестот од блиско кафуле, Шилегов рече дека а, родителите на Шекеринска живеат токму спроти Владата, меѓутоа, како граѓани тие имаат право да присуствуваат на кој и да е од овие собири.

Шилегов ги повика граѓаните коишто „и денеска, и во деновите што следат“, сакаат своето незадоволство да го изразат преку мирни протести, да не подлегнуваат „на провокациите на власта“.

OhridNews
извор:„Макфакс“